
Илјадници верници од Србија, Црна Гора и Македонија
пристигнуваат во манастирот Острог за да ја почувствуваат духовната сила на ова свето место. Многумина од нив пешачат стотици километри за да стигнат до манастирот, носени од верата и надежта. Дел од нив остануваат да преноќат под ведро небо пред манастирот, во молитва и размислување.
Во текот на целата ноќ, верниците имаат можност да се поклонат и да ги целиваат моштите на Свети Василиј Острошки. Голем број луѓе носат вреќи за спиење и преноќуваат пред манастирот, молејќи се за здравје, духовен мир и исцелување.
Според народните верувања и преданија, Свети Василиј Острошки ноќе бдее над своите верници и ги слуша нивните молитви. Се раскажува дека светецот секоја вечер станува од ковчегот и оди по карпите околу манастирот. Некои свештеници низ вековите сведочеле дека наутро забележувале искинати волнени чорапи на неговите нозе, иако претходно биле цели. Ова верување ги поттикнало верниците кои доаѓаат во Острог да носат со себе бел пар волнени чорапи.
Манастирот Острог е место на аџилак не само за православните христијани, туку и за верници од други религии. Фотографии и видеа објавени на социјалните мрежи сведочат за огромниот број луѓе кои со смиреност и трпение чекаат ред да ги целиваат моштите на светителот, а многумина преноќуваат во близина на манастирот.
На официјалните профили на манастирот се споделуваат бројни сведоштва и искуства од посетителите. Еден од коментарите под фотографиите гласи: „Свети Василиј ми помогна, ме излечи од тешка болест“, што е само еден од многуте примери за вербата и чудата поврзани со ова свето место.