

Членките на НАТО Грција и Турција се договорија дека на 25 јануари ќе ја продолжат расправата за спорните прашања поврзани за правата на Средоземното Море кои минатата година за малку ќе предизвикаа конфликт.
Турција ги разгневи Грција и Европската Унија кога го испрати бродот за сеизмички истражувања во спорниот регион. Бродот беше вратен, но двете членки на НАТО сè уште не се сложија околу прашањето на континенталниот појас и правото на ресурсите.
Новите преговори ќе се одржат во Истанбул на крајот на месецот.
„Мораме да спречиме Медитеранот да стане зона на тензии и да го претвориме во регион кој ќе им служи на нашите долгорочни интереси“, им кажа Ердоган на амбасадорите на ЕУ во Анкара.
„Ја повикуваме Грција да се воздржи од акции кои ќе предизвикаат тензии. Верувам дека новите преговори кои ќе почнат на 25 јануари ќе ја означат новата доба“, изјави тој.
Анкара и Атина од 2002 до 2016 година одржаа 60 рунди преговори, но продолжување немаше поради инцидентот со истражувачкиот брод и несогласувањата околу спорната тема.
Европската Унија минатата година поради спорот ѝ се закани на Анкара со потенцијални санкции, но сите мерки беа одложени за март. Турција во последните недели изразува желба за подобри односи со блокот.
Ердоган, меѓу другото, најави дека на крајот на јануари во Турција ќе ги пречека претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, додавајќи дека им предложил да им ги покаже станбените единици изградени во регионот Идлиб на северозападот на Сирија.
Соопшти и дека ЕУ понудила да ја финансира изградбата на дел од куќите за време на судирот на Турција и Русија во Сирија минатата година, но дека ветувањето не е исполнето.